Управување со финансии во било која смисла буди негативни чувства кај најголем број од луѓето и се јавува потреба да се одложат овие активности на неодредено време. Тука мора да признаеме дека поминувањето неколку часа во анализа на бројки, правење буџети, планови за штедење и рационална потрошувачка не е баш дефиниција за забава. Уште повеќе управувањето со личните финансии бара константно следење на готовинските приливи и одливи и стратегиско размислување за да може да ја постигнете саканата финансиска стабилност.
Но, ајде да тргнеме од почеток: Што воопшто значи управување со личните финансии?
По дефиниција управување со личните финансии значи јасна слика за Вашата финансиска состојба со цел да извлечете најголем бенефит од средствата со кои располагате во секојдневното живеење, но и да испланирате финансиски безбедна иднина. Сепак, тоа не значи дека треба со будно око да го следите секој денар што ќе го потрошите и да штедите што е можно повеќе откажувајќи се од одредени задоволства кои Ве прават среќни. На крај на денот, убавината на секојдневното живеење е во балансот помеѓу тоа што Ви е потреба и тоа што Ви носи радост, зарем не?
Многу добро правило, кое е општо познато, а кое би можеле лесно да го применувате е правилото 50/30/20. Тоа значи да трошите 50% од Вашите приходи на задоволување на потребите за опстанок, 30% на работи кои ги посакувате и 20% на заштеда.
Што опфаќаат 50% опстанок: Во оваа категорија влегува се: од неделно пазарување на намирници, режиски трошоци, телевизија, телефон и интернет, наемнина за стан, кредити за стан/автомобил, осигурување, одржување на зграда, оброци на работа. Доколку трошите повеќе од 50% на задоволување на основните потреби за преживување, тогаш ќе мора да поработите на оптимизација на трошоци во смисла на штедење на електрична енергија или внимателна работа со банкарски производи и следење на каматни стапки. Доколку сте ултра рационални и сепак ги надминувате овие 50%, тогаш ќе мора да скратите на делот со желби (што е навистина тешко да се направи, зарем не?). И една напомена: месечната претплата на Netflix и Spotify и неделното кафе со другарите не влегува во оваа категорија. Се преживува и без овие додатоци.
Што опфаќаат 30% желби: Ова е забавниот дел и верувам дека тука не требаат многу објаснувања. Слободно уживајте во се што Ве прави среќни почнувајќи од излегување со луѓето кои ги сакате, посета на спортски натпревари, шопинг, најнова технологија, нови книги, вежбање, масажа, зимувања, летувања и слично. Сепак, внимавајте да не ги надминете овие 30%. Тоа не значи дека во целост треба да се откажете од Вашите желби, но можеби ќе треба да направите прилагодувања, како вежбање од дома наместо од некоја fancy теретана, домашно подготвена вечера и уживање со пријателите наместо скап ресторан и летување во Грција наместо на Малдиви.
Но, важи и обратното. Ако заработувате повеќе секогаш може да замените fast-food со убава вечера или да изберете да купите Мерцедес наместо Хонда. Се додека имате на ум дека не би требало да надминете 30% од Вашите вкупно примања, Вие сте на безбедната страна.
Што опфаќаат 20% заштеда: Тоа се средства кои ќе ги издвоите и ќе завршат на Вашата банкарска сметка, во некој инвестиционен фонд или некоја друга инвестиција во недвижност која ќе ви донесе пасивен приход на долг рок (принудно штедење).Исто така, тоа може да бидат средства што ќе ги уплаќате во некој пензиски фонд, доколку немате гарантирана пензија со Вашето вработување. Овие 20% се многу значајни затоа што на некој начин претставуваат безбедносна мрежа во однос на се што носи иднината кој е многу непредвидлива. Штедењето е тешко, особено ако имаме во предвид дека постојано се појавуваат некои непредвидени трошоци. Сепак, овие 20% ни даваат некоја ориентација за тоа кон што треба да се стремиме и како да го распределуваме нашиот доход секој месец.
Во крајна линија, поентата на управување со личните финансии не е живеење некој спартански начин на живот. Во животот треба да уживаме, но имањето на план за трошење и распределба на финансиите и тоа како може да ни го олесни функционирањето, а во исто време да не се откажеме од работите кои ни причинуваат задоволство.
Подолу се објаснети три чекори кои може да Ви помогнат во управувањето со личните финансии:
- Поставете си краткорочни и долгорочни цели: направете распределба на средствата кои ги имате или кои би сакале да ги имате, но при тоа внимавајте целите да влегуваат во категоријата SMART. Што значи тоа? Целите да бидат добро осмислени, мерливи, временски дефинирани, одржливи и реални. Особено обрнете внимание на категоријата мерливи и временски дефинирани. Мора да имате мерила за споредба преку кои би го следеле напредокот за да знаете дали сте на пат да ги остварите.
- Креирајте буџет: се согласувам дека не е најинтересната работа на цел свет ама буџетот ќе Ви ги покаже границите на Вашата потрошувачка односно колку смеете да потрошите секој месец без да навлезете во кредитната зона. При тоа ги наведувате сите приходи по сите основи кои ги остварувате, сите трошоци вклучувајќи фиксни како: режиски трошоци, наемнина за стан, варијабилни трошоци како: пазарување, забава, шопинг, одмори и финансиските трошоци како: месечна отплата на кредит или кредитна картичка и заштедата затоа што и тоа се средства на кои не можете да сметате односно завршуваат на наменска сметка.
- Следете го трошењето на Вашите средства: за жал, најголем број од луѓето не знаат “каде им одат парите” и не се свесни за сите трошоци. Многу е мал тој процент што ги евидентира сите трошоци односно користи некој тип на мобилна апликација за оваа цел или внесува во традиционален excel sheet. Во реалноста, ова е многу корисно и може да биде искуство кое буквално ќе Ви ги отвори очите за тоа како располагате со своите средства.
Доколку се ова Ви е многу напорно, а сепак Ви треба помош во управување со Вашите финансии, ЕССЕ Консалтинг Ви стои на располагање. Можеме да направиме анализа на Вашите финансии и да Ви дадеме корисни совети од аспект на вложување на Вашите средства во адекватни инвестиции или како да го намалите долгот кој во моментот го имате. Исто така, може да Ви помогнеме во разбирање на тековната даночна регулатива, како и пензиските шеми кои Ви стојат на располагање. Се разбира, сите податоци кои ќе ни ги доставите се строго доверливи, а Вие рационално уживате во Вашите средства без грижи.
(Просечно време за читање: 3 минути)