Навиките и трошењето на личните финансии (прв дел)

Навиките ги обликуваат нашите животи, без воопшто да стигнеме да обрнеме внимание на тоа: почнувајќи од миењето заби наутро до “скролањето” по социјални мрежи пред да заспиеме. Во суштина, истражувањата покажуваат дека 40% од се што ќе направиме во текот на денот припаѓа на групата навики (др. Морган Церф, Northwestern University). За жал, во оваа група влегуваат и нашите навики за трошење на личните финансии. Тоа се оние шаблони кои постојано ги повторуваме, а најчесто не сме ни свесни како што се на пример:

  • Најголем дел од личниот доход го трошиме првата недела откако ќе земеме плата, трошејќи и на непотребни работи затоа што во моментот тоа може да си го дозволиме. Утре е дури утре, нели?;
  • Секогаш трошиме значителен износ на пари на крај на година на подароци, прослави, облека, (тоа е период на бонуси, празници, славење, ентузијазам и најчесто не се води сметка колку и на што се троши);
  • Секогаш чекаме до последен момент за да купиме авионска карта затоа што потенцијално ќе се искористи некоја last minute понуда;
  • Секогаш купуваме на попуст или задолжително купуваме производи кои се на акција без оглед дали ни се потребни во моментот или не.

Пред да тргнеме во анализа кои се навиките кои негативно се одразуваат на финансиското здравје, ајде малку да се позанимаваме со тоа што се навиките и како имаат толку големо влијание во обликувањето на нашето секојдневие.

Што се навики?

Навиките претставуваат автоматско однесување поттикнато од одреден импулс од средината. Со други зборови, нешто што се случува во нашето окружување поттикнува реакција за која не сме ни свесни дека ја имаме. Типичен пример е: седнуваме во автомобил и прво го врзуваме појасот или секогаш ја возиме истата рута за да стигнеме до работа. Навиките се формираат секогаш кога имаме однесување кое се повторува. Во прво време, однесувањето може да биде мотивирано со некоја награда, но доколку се повторува минимум 30 дена, навиката се формира и истото однесување се повторува затоа што веќе е навлезено длабоко во потсвеста без оглед на постоењето на наградата.

Според др. Јосеф Кабле, невролог на Универзитот во Пенсилванија, на почетокот додека се усвојува нова навика, голем дел од мозокот е активен. Но, како поминува времето, се активираат само оние неврони кои се апсолутно потребни за да се заврши работата. Тоа значи дека мозокот “се става на авто-пилот” и многу лесно завршува работите кои му се рутина ослободувајќи енергија и простор за учење на нови работи. Но, тука е и замката: со оглед на тоа дека навиките се извршуваат несвесно, многу е тешко да се ослободиме од нив.  

Прв чекор за да се справиме со некои навики кои не ни се допаѓаат е истите да ги идентификуваме. На крајот на денот, мора да знаеме против што се бориме. Во смисла на финансии, тука треба да размислиме кои се нашите секојдневните практики и рутини на трошење, кои шаблони на распределба на доходот ги следиме и од кого бараме совети во однос на управување со нашите финансии (истражувањата покажуваат дека најчест советник кај кого прво се обраќаме се нашите родители, дали е најдобар е предмет на дискусија во некој друг блог).

 8 лоши навики во управување со Вашите финансии

  1. Не планирате: недостатокот на план за трошење значи дека немате чист фокус во однос на тоа за што треба/сакате да ги трошите Вашите пари. Тоа Ве прави ранливи и склони кон нерационално трошење, импулсивно купување и избрзани одлуки. Креирањето на буџет е како мапа која ве води во однос на тоа на што и колку треба да трошите. Дури и да застраните од мапата, ќе бидете свесни за тоа и ќе можете да преземете корективни активности.
  2. Си поставувате нереални цели: цели кои не се прецизни и немаат јасно поставени рокови за исполнување може многу да Ве демотивираат. Најдобро е да си поставите мали краткоторочни цели (кои се и реално остварливи) и чекори како истите да ги постигнете за да може да Ве одведат до исполнување на Вашата долгорочна цел. 
  3. Недостаток на финансиска писменост: зачудувачки е бројот на луѓе на кои им недостасува основна финансиска писменост и мислат дека финансиската стабилност е среќа и “како ќе ти се поклопат коцките”. Не значи дека моделот кој бил успешен за некој кој го познавате, ќе биде еднакво успешен и за Вас. Читајте, образувајте се, бидете во тек со настаните и трендовите затоа што како и се друго, и управувањето со лични финансии се учи. Исто така, може да ангажирате и советник кој ќе ви даде насоки за тоа како може да управувате и да ги оплодите Вашите пари.
  4. Нетрпеливост: подобрувањето на Вашата финансиска состојба не е нешто што се случува преку ноќ и треба време. Нетрпеливоста да направите богатство за краток период може само да Ве натера да ги менувате целите во краток временски период, да носите лоши одлуки, а со тоа да се изгубите во целиот процес. Поентата е дека кога еднаш ќе ги поставите целите треба да сте конзистентни за да може истите да ги остварите и да дојдете до посакуваните резултати.
  5. Недостаток на финансиска дисциплина: ништо не може да се постигне без дисциплина. Најголем дел од луѓето имаат проблем со финансиската дисциплина и трошат повеќе отколку што заработуваат. Но, дури и кога ќе решат да ја променат оваа навика и да си постават цели, најчесто се откажуваат некаде попатно затоа што повторно им фали дисциплина. Финансискиот успех во голема мера се должи на конзистентност во активностите и стриктно следење на стратегиите за кои сте се одлучиле на почетокот.
  6. Одбивност кон промени: луѓето не сакаат да излегуваат надвор од нивната комфорна зона. Дури и подготвени се сами да си го поткопаат успехот само за да не излезат од комфорната зона во која се наоѓаат. Постигнувањето на финансиски цели бара одредени жртви кои на крајот ќе бидат наградени. Всушност, тоа е и основното правило во финансиите: колку повеќе ризикуваш (во смисла на излегување од комфорна зона), толку поголем принос остваруваш.
  7. Прокрастинирање: значи непотребно и своеволно одложување или одолговлекување на нешто и покрај знаењето дека ќе има негативни последици заради тоа. Со еден збор тука спаѓаат сите активности “од утре ќе почнам или уште подобро од понеделник”. Кога станува збор за планирање на финансиите, тоа утре никогаш не доаѓа затоа што луѓето преферираат да живеат во среќно незнење за тоа колку трошат отколку да ги засукаат ракавите и да почнат да работат на подобрување на нивната финансиска состојба.
  8. Недостаток на креативност: не можеме да очекуваме дека повторување на исти активности ќе ни донесе различни резултати. Недостатокот на креативност, верба во тоа што го правиме и храброст спаѓаат во главните виновници за нашата стагнација. Секој сака да биде успешен, но многу е мал бројот на луѓе кои се подготвени да ги преземат сите чекори за да стигнат до таму. Познавањето на сопствените ограничувања е многу значајно за да може да се преземат активности кон развивање на план, следење на чекори за негово остварување, дисциплина, рационални одлуки и конечно постигнување на саканите резултати.  

Она што мора да го направиме е да ја пронајдеме повратната спрега меѓу нашите навики и шаблоните на трошење: тоа значи не само да знаеме колку трошиме, туку и на што трошиме и зашто го правиме тоа на тој начин. Со составувањето на еден буџет добивате следливост на Вашето трошење и одговор на прашањето: каде ми летнаа парите, вчера земав плата. Но, добивате и анализа на вашите потрошувачки навики, односно колква дел од буџетот на какви активности трошите и каде може да се направат подобрувања и прилагодувања. Тоа преставува добра основа за преземање на активности и носење на рационални одлуки. Реалност е дека навиките тешко се менуваат, но не е невозможно. Само треба дисциплина и конзистентност. Дополнителна предност е ако имате финансиски советник кој може да ви го олесни процесот со tips and tricks. Незнаењето секогаш го плаќаме најскапо, зарем не?

(Просечно време за читање: 6 минути)

Share this article:

Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp