Предностите од водење на сопствен бизнис се повеќекратни почнувајќи од: независност, флексибилност, целосна контрола на работењето, слобода во изразување и организирање на работите и конечно најважната, финансиски придобивки. Кога поседувате сопствен бизнис никој не може да ве ограничи во однос на тоа колку ќе заработувате, тоа зависи целосно од Вас и од Вашите можности да го продадете Вашиот производ/услуга. Но, колку и привлечно да звучат сите овие придобивки и колку и да сте сигурни во вашите вештини, морам да ве предупредам на следното: има голема разлика помеѓу создавање на вредност за некој друг и создавање на вредност за себе (помислете само колку време ви треба да се опишете себеси или нешто што сте создале наспроти да опишете нешто за компанијата за која сте работеле).
Јас тоа најдобро го знам и го имам почувствувано на своја кожа во моментот кога преминав од CFO на голема компанија, во сопственик на мал бизнис кој едвај броеше двајца вработени. Апсолутно бев сигурна во се што знам и во се што не знам и колку треба да научам, но сепак кога го почнав моето патување како претприемач притисокот беше навистина голем. Како најголем дел од работите во деловниот свет и овде нема некоја магична формула за да ги направите сите работи како што треба и повеќе е процес на обиди и грешки ама сепак сакам да споделам некои работи кои јас ги научив (и морав да ги научам) по пат.
Ќе ги категоризирам како starter pack вештини кои мора да ги совлада секој нов претприемач:
- Вештина за имплементирање: сите имаат идеи (од кои некои се стварно добри), но многу е мал процентот на луѓе кои работат на своите идеи и соништа. Најчесто причина е стравот од неуспех. Ама нема да знаете дали ќе успеете или не ако не почнете, нели? Затоа ако имате идеја, почнете да работите на истата без оглед колку мали чекори правите. И да расчистиме уште од почеток: не е лесно, ама мора да почнете. Ако не знаете се, можете да ангажирате некого за да ви помогне (слободно прочитајте ги услугите кои ги нудиме). Затоа што ако вие не се осмелите да ја реализирате вашата идеја, некој друг ќе се осмели и тогаш веќе нема да биде ни ваша идеја.
- Вештина за осознавање – читај вештина за гуглање: буквално за секое ваше прашање, некој таму има одговор. И да е вашата идеја најиновативна и да мислите дека нема слични кои може да ги земете како пример, начинот на почнување на бизнис е стандарден: ви требаат потрошувачи на кои ќе продадете. Пред да се откажете и да решите дека тоа не е сепак за вас, испитајте ги сите можни опции. Деловниот свет се движи многу брзо и ако не се прилагодите, некој ќе ве претрка.
- Вештина на градење на авторитет: сакате луѓето да ве доживуваат како експерт, епа тогаш убедете ги дека сте експерт и натерајте ги да ве бараат затоа што од вас добиваат додадена вредност. Делете го вашето знаење на социјални мрежи. Не мора да биде совршено, ниту пак да биде нешто воодушевувачко. Доволно е да е автентично и да ве отсликува вас. Почнете со блог, постови на LinkedIn и Instagram, канал на Youtube и поддржете го со релевантни докази тоа што го зборувате. Она што дефинитивно мора да направите е да зборувате со самодоверба и да биде конзистентни. Најголем дел од луѓето нема да го преземат ни првиот чекор, а пак тие што ќе се осмелат, ќе го направат само неколку пати и потоа ќе престанат. Клучот на успехот е во упорноста и конзистентноста.
- Вештина на завршување на работите: Тргнете со наједноставната верзија на производот/услугата која сакате да ја понудете на пазарот и почнете да работите. Сите исправки, поправки, дополнувања може да ги правите попатно кога веќе еднаш вашата идеја ќе ја види светлината на делот. Нормално дека ќе има грешки и дека ќе бидат потребни подобрувања, но добрите вести се што никој не ги забележува пропустите. Но, дури и да ги забележат, ретко кој се сеќава на истите особено ако им се допаѓа производот/услугата која ја нудите.
- Вештина на препознавање и фокусирање на исклучителните идеи и можности: Најскапоцената вештина која еден претприемач мора да ја има, а воедно и најтешката за совладување е вештината на кажување не (искрено, јас се уште се мачам со овој дел). Одбивањето на “добри” понуди не е лесно. Но, гледајте го сето тоа на овој начин: Со кажување “да” на една понуда која вие сте ја оцениле како добра, кажувате “не” на милион други кои можеби се одлични. Така што мора да бидете многу селективни на што одговарате со да. Мора да го цените вашето време и знаење и многу внимателно да процените на што вреди да го потрошите и каква вредност создава тоа за вас (и краткорочно и долгорочно).
На крај сакам да напоменам уште 2 работи кои би требало да ги имате во предвид: имањето на сопствен бизнис значи и доживотно учење пропратено со финансиски ризици. Имено, во окружување кое постојано се менува мора да бидете подготвени да учите, да се менувате и да се прилагодувате за да може да успеете. Мора многу внимателно да следите што и како се менува во светот, кои се најновите трендови затоа што самата технологија и дигитализација ги движи работите побрзо од тоа што би сакале и од тоа што сме подготвени да прифатиме.
Сосема за крај, не ги занемарувајте финансиските ризици. Многу се ретки, скоро и да не постојат тие бизниси кои имале одличен старт и генерирале приходи согласно на планираното (или повеќе). Би било добро во моментот кога ќе решите да почнете сопствен бизнис и да се откажете од погодноста на земање плата на време, да имате некоја заштеда која ќе ви покрие 6 “лоши” месеци. Или почнете со развој на вашиот бизнис додека сеуште работите на друго место и имате сигурни приходи, ќе биде напорно еден период, но имате поголема финансиска сигурност, а и заштитна мрежа од донесување на избрзани одлуки заради потребата од приходи и готовина. Во моментот кога ќе имате барем минимални приходи и финансиска одржливост, посветете се целосно да вашиот бизнис.
Доколку ви е потребна поддршка, ние сме тука да ви помогнеме во текот на целиот процес. Закажете го Вашиот состанок и дознајте како да ги избегнете почетничките грешки како претприемач кои само залудно ќе Ви потрошат време, енергија и средства. И не заборавајте да уживате во патувањето.
(Просечно време на читање: 6 минути)