Пред да почнам да го објаснувам процесот на тоа како јас ги креирам моите цели и кои се алатки може да Ви помогнат во нивното дефинирање, сакам малку да продискутирам за тоа што се бизнис цели и зошто се битни. Бизнис цел е збир на се она што една компанија сака да го постигне во даден временски период. Целите се начин да се усогласат сите активности кои се преземени од вработените и компанијата да функционира како една целина. Без цели сте исто како без компас и тоа во непозната средина, со многу потенцијални попатни ризици. Не знаете каде сакате да стигнете, ниту со кои средства може да стигнете до саканата дестинација и дали постојат некои скратени рути кои би Ви го олесниле патувањето. Успешен бизнис е бизнис кој има поставено цели и кој го следи исполнувањето на зацртаните цели. На тој начин континуирано се следи развојот на компанијата, но воедно останувате отворени и за потенцијални неочекувани можности кои може побрзо да ве доведат до исполнување на целта.
Сите цели се значајни без оглед колку се големи или мали. Според мене и подобро е да поставите повеќе мали цели кои долгорочно ќе ве доведат до големата цел која сакате да ја постигнете. Малите цели се полесни за постигнување, а ја одржуваат мотивацијата и задоволството на високо ниво. Целите може да бидат генерални, на ниво на компанија, или поделени на сектори, може да бидат краткорочни, среднорочни и долгорочни, може да бидат поврзано со инвестициски циклус или оперативни, но она што е најзначајно од се е целите да бидат SMART – specific, measurable, attainable, realistic, timely (за ова ќе зборуваме подетално понатаму во текстот).
Сега сакам да ја споделам мојата пракса, односно како јас си поставувам цели за мојот бизнис. Временски, сакам целите (барем главните цели без навлегување во детали) да ги имам на хартија до средина на декември за цела следна година. До крај на декември веќе ги имам целите разработено во детали, со рокови до кога треба да се постигнат и ориентациона месечна динамика на активности. Потоа, овие цели ги преведувам во бројки, односно креирам буџет по месеци за цела следна година.
- Чекор 1: SWOT анализа. Ова не е ништо тешко, туку само анализа на тековната состојба со постручно име. Својата тековна состојба ја анализирам од четири страни и тоа: Strengths (тековни силни страни) односно што е тоа што јас го правам добро во моментов и функционира, Weaknesses (тековни слаби страни) односно што е тоа на што треба да посветам внимание и да го подобрам, Opportunities (потенцијални можности) односно во кои се можни насоки би можел бизнисот да се развива во следната година, Threats (потенцијални закани) односно што е тоа што може да го загрози развојот на мојот бизнис. Многу накратко, пишувам по неколку потточки во секоја категорија и се формира на хартија сликата за тоа каде е мојот бизнис сега. Мора да знаеме каде сме, за да знаеме каде сакаме да стигнеме и колку е тоа далеку од сегашна перспектива.
Пример за SWOT анализа (колку длабоко ќе навлезете во анализата на тековната состојба зависи од Вас, ова е само пример за мојот бизнис):
Предности: Иновативна услуга која не постои на пазарот: Outsourcing CFO услуги Конкурентни цени за високо квалитетна услуга Флексибилност во однос на предавање на документи и комуникација со клиенти Континуирана достапност на mail, viber и телефон или друг начин на комуникација кој што е најсоодветен за клиентите Млад тим кој ги следи новините и трендовите | Слабости: Недоволна препознатливост на пазарот Мал обем на клиенти како резултат на мое поголемо отсуство заради породилно Недоволно користење на социјалните мрежи како начин за добивање на нови клиенти |
Можности: Организирање на финансиска едукација Понуда на пакети на услуги согласно на големината на компаниите или идустриите Партнерска соработка со некои од постоечки клиенти во смисла на заеднички настап на пазарот | Закани: Голема конкуренција во секторот со многу ниски цени Потешкотии во вработување на лица со квалификациите кои се потребни |
- Чекор 2: Дефинирање на SMART цели. Овде се трудам да бидам што е можно подетална. Колку подобро ги опишете своите цели, толку повеќе ќе бидете во можност да ги визуелизирате и да ги постигнете. При опишувањето на целите користам една друга техника, односно се трудам целите да се SMART. Што тоа значи? S (specific) што значи целите дека мора да се конкретно дефинирани заедно со акциите кои ќе ги преземам за да стигнам до тие цели. M (measurable) што значи дека целите се така дефинирани што ќе можам да го измерам нивното постигнување, односно ќе можам да искористам некоја мерка за да ги сместам во групата на постигнати. A (attainable) што значи дали со ресурсите со кои располагам можам да ја постигнам саканата цел. R (realistic) што значи дали во индустријата во која работам и со мојот моментален потенцијал можам да ја постигнам саканата цел. T (timely) што значи дека мора да има временска рамка за постигнување на целите, односно рокови за постигнување. Всушност, ги дефинирам целите и креирам мапа со активности за тоа како да стигнам до нив и во кои временски рокови.
Пример за SMART цели:
- Зголемување на базата на клиенти за 10 нови клиенти до крај на годината.
- Зголемување на приходите за најмалку 20% во однос на претходна година.
- Воведување на 3 нови услуги до крај на јуни.
Што е заеднично за сите погоре наведени цели: сите се SMART. Јасно и прецизно се дефинирани односно се гледа точно што треба да се постигне. Лесно е да се измерат, ако сме под 10 клиенти или под 20% во раст на приходи, не сме ја оствариле целта. Точно, бројчано можеме да изразиме што сме постигнале. Дефинитивно се остварливи затоа што јас во моментов располагам со доволно ресурси, знаење и можности за да ги постигнам, но воедно и индустријата во која работам ми овозможува ваков раст. Реални се затоа што врз база на SWOT анализата и анализата на конкуренцијата сум заклучила дека овие цели јас можам реално да ги остварам. И временски се дефинирани, односно доколку не ги остварам до наведениот датум треба да променам нешто во активностите кои ги преземам и да направам корекција на временските рокови.
- Чекор 3: Се посветувам на исполнување на целите и го мерам прогресот кон нивно исполнување. Кога велам дека се посветувам, тоа значи дека прво постојано се потсетувам, секој ден, на тоа што сакам да постигнам и до кога сакам да го постигнам тоа. Целосно сум фокусирана и доколку гледам дека некои акции не функционираат, ги заменувам со нови, но секогаш тргнувајќи од тоа што е мојата финална цел. Исто така, на одреден временски период, најчесто квартално мерам до каде сум стигнала со целите. Јас користам многу едноставен excel модел кој за мене функционира идеално. Кога сакам сериозно да навлезам со детали користам и сметководствени податоци од лиценциран софтвер кој го имаме (тоа е предност кога си компанија која нуди и сметководствени услуги). Но, крајната цел е иста, да видам до каде сум стигнала, дали сум задоволна од прогресот и што треба да променам во пристапот (ништо драстично, само fine-tuning). И особено обрнувам внимание на рокови. Јас сум зависна од рокови (по малку професионална деформација) и затоа секогаш сакам зацртаното да го постигнам во дадениот рок. Не е ништо страшно некои работи малку да се одолговлечат затоа што сепак во меѓувреме се случуваат непредвидени работи, ама не сите и не секогаш.
- Чекор 4: Си ги славам и малите и големите успеси поеднакво. Водењето на сопствен бизнис не е лесно, ама и сатисфакцијата кога ќе постигнете нешто е огромна. И затоа јас остварувањето на некоја цел или нов клиент или завршувањето на некои работи побрзо од очекуваното, секогаш го прославувам. Како ќе прославите, оставам на вас. Но, запомнете секогаш да си давате признание за постигнатото затоа што тоа го прави животот многу поубав, но и ве тера да уживате во плодовите од вашата работа.
Овде повеќе се задржав на описно дефинирање на целите и каков е мојот процес. Во наредниот блог сакам малку повеќе да зборувам за тоа како овие описни цели ги преведувам во конкретен финансиски извештај што се вика буџет. До тогаш, ако немате дефинирано цели, почетокот на нов квартал е идеално време да почнете да го правите тоа.
(Просечно време на читање: 9 минути)