Стигнуваме до потешкиот дел од равенката, а тоа е: Како да ги промениме навиките? Промената на навиките е тешка, без оглед за која сфера од животот станува збор. Самото тоа што навиките се несвесни активности, треба да вложиме дополнителен напор, за да истите ги идентификуваме, а потоа да почнеме да работиме на нивно менување и подобрување. Само желба, па колку и да биде силна, не е доволна да се елиминираат старите навики. Она што е подобро е да работиме на тоа секоја лоша навика да ја замениме со некоја друга подобра која ќе ни користи во секојдневното функционирање.
Во оваа смисла, овие неколку совети може да ви бидат од корист:
Правете промена на една навика во даден временски период: Промената на повеќе навики истовремено може да делува исцрпувачки и да бара многу голема концентрација и да придонесе побрзо да се откажете. Многу подобра опција е целосно да се посветите на промена на една навика, се додека целосно не ја усвоите и не стане апсолутно лесна за примена. Ова ја подобрува вашата ефикасност во смисла дека ги остварувате своите цели за навики кои сакате да ги промените а тоа ја држи вашата мотивација на многу високо ниво. Тоа значи дека прво може да ги намалите вашите трошоци за храна надвор од дома (и тоа да го практикувате во период од еден месец), а потоа да се потрудите заштедените пари да ги пренасочите во некоја друга сфера од животот (буџетот за одмор, на пример). Откако променетата навика ќе ви стане “нормална” и нема да бара од вас дополнителен напор, тогаш сте подготвени за воведување на нова навика (one step at a time).
Додадете ново однесување како реакција на одреден импулс од средината: Што ова значи? Ова значи дека ако до сега секогаш кога ви било досадно сте оделе на shopping и сте трошеле пари, најдете некое ново хоби кое ќе го практикувате секогаш кога ќе ви биде досадно. Дури оваа нова резолуција може да ја споделите со вашите пријатели или семејство, па да имате поддршка и друштво за одредени активности секогаш кога ќе ви биде досадно. Дефинитивно ќе влијае добро на вашиот паричник, но и на вашата самодоверба за тоа колку успешно ги менувате своите навики. Дополнително, ако одберете некое хоби како вежбање секогаш кога ви е досадно, вие ја имате вашата win-win комбинација на годината.
Поврзувајте ги добрите навики со награда: Имајте во предвид дека најголем дел од навиките почнале да стануваат навики затоа што таквото однесување имало некаков бенефит за вас (или само сте мислеле дека има награда/бенефит). Тоа е она што го мотивирало повторливото однесување. Тој шаблон слободно применете го и кога ќе усвојувате нова навика. На пример, ако решите повеќе да готвите дома, викнете ги вашите пријатели да го пробаат вашиот нов специјалитет или колачот чие правење го усовршивте во последните неколку дена. Добивките за вас ќе бидат повеќекратни: уживате со вашите пријатели и во убавата енергија од една страна, но и прифаќање нов шаблон на однесување од друга страна. Во финансиска смисла, наградата за усвоените добри навики може да биде зголеменото салдо на заштеда или побрзо враќање на кредитите кои ги имате или уплата на одмор за кој подолго време сонувате.
Автоматизирање на добрите навики: Доколку претходните 2 методи едноставно не функционираат или не можете да ги примените во навиките кои вие сакате да ги промените, можеби треба да се обидете со принудно менување на навиките. Наједноставно објаснето тоа значи дека ако сте решиле дека ќе штедите повеќе, давате на банката автоматски налог да ви одзема одреден износ на пари и да го трансферира на вашата заштеда. На овој начин едноставно ќе прифатите дека на тие пари не можете да сметате и принудно ќе се зголемат вашите заштеди.
Некои предлог навики на кои би можеле да поработите во следниот период се:
- Престанете да купувате импулсивно, секогаш размислете 2 пати пред да го ставите производот во вашата потрошувачка кошничка;
- Избегнете камати за ненавремено плаќање, секогаш водете сметка кои се крајните рокови за плаќање на сметките;
- Штедете на електрична енергија (особено во последно време);
- Испланирајте ги вашите оброци однапред, ем ќе знаете што ќе јадете, ем сите намирници ќе ви бидат испланирани;
- Имајте точен увид на тоа што го поседувате за да знаете што ви фали и што реално би требало да си купите;
- Секогаш кога може да искористите попуст бидете трпеливи и направете го тоа, облеката не е поквалитетна ако ја платите со full цена;
На крај не заборавајте да уживате во променетите навики и да си ги забележите ваши мали победи. Секоја промена на навика која ја зголемува вашата благосостојба е мала победа со која треба да се гордеете за да може да издржите низ процесот. Создавањето нови навики не е секогаш лесно, но долгорочните награди се значителни за вашата финансиска слобода и ментално задоволство.
(Просечно време за читање: 3 минути)