“Money does not buy you happiness, but lack of money certainly buys you misery.” – Daniel Kahneman
Кога ќе се спомене терминот “врска” најчесто помислуваме на нашите интеракции со другите луѓе. Животното искуство нè учи дека врските кои ги градиме со нашата непосредна околина можат да бидат здрави и полни со уживање или токсични и задушувачки врз база на многу фактори во кои нема да навлегуваме детално во моментов. Но, на колку од нас им паднало на памет дека и врската која ја имаме со нашите финасиски средства може да се движи во истите две насоки: да биде здрава и да ни обезбедува уживање или да биде токсична и да нè преплавува со стрес и анкциозност.
Се поставува прашањето зошто е битно да имаме здрава врска со парите? И еве го одговорот: затоа што без оглед какви се нашите длабоки уверувања и ставови, финансиската благосостојба значајно влијае на нашата целосна благосостојба. Под финансиска благосостојба се подразбира здрава врска со парите која нас нè прави среќни и задоволни и која ни овозможува комфорно живеење на долг рок (што за вас претставува комфорно живеење, ќе ве оставам сами да дефинирате). И без оглед дали сте забележале или не, ние сите веќе имаме изградено некаква врска со парите што понатаму влијае во изборот на нашата кариера, креира одредени потрошувачки навики и животен стил, па дури влијае и на најмалите работи, како што е во кој ресторан ќе се вечера. Позитивна врска со парите е тоа со ултимативно води до финансиска слобода.
Здрава наспроти нездрава врска со парите
Нездравата врска со парите најчесто води до стресен живот заради “лошите” финансиски одлуки кои ги носиме. Сосема спротивно кога се чувствуваме финасиски безбедни и ослободени деновите се поубави, сонцето свети посилно, го сакаме повеќе животот и едноставно како сложувалка се си доаѓа на своето место.
Подолу се наведени некои навики кои креираат нездрава наспроти некои навики кои креираат здрава врска со парите.
Нездрави навики | Здрави навики |
Импулсивен shopping | Креирање на буџет |
Максимално користење на кредитни картички | Задоволство во однос на парите кои се заработуваат |
Немање контрола врз трошењето | План за заштеда |
Негативен став (лутина) кон луѓето кои се финансиски сигурни | Живеење без долг или со редовно отплаќање на доспеани долгови |
Страв да се троши пари дури и на потребни работи за преживување | Купување без чувство на вина |
Се пронајдовте некаде? Добрата вест е дека секогаш може да поработите на вашата врска со парите и да го искорените се она што не ви се допаѓа. Точно е дека трансформацијата ќе земе малку подолг временски период, но разликите кои ќе ги забележите ќе вредат за трудот, тоа можам да ви го гарантирам.
Еве некои совети кои можат да ви помогнат да ја подобрите вашата врска со парите и да уживате во бенефитите од стабилна финансиска состојба.
- Бидете искрени за тоа каков е вашиот моментален став кон парите: имањето здрави или нездрави навики во однос на парите не нè прави подобри или полоши личности. Едноставно тоа е факт кој треба да го прифатиме како почетна основа и од таму да преземеме акции кои ќе нè донесат до нашата крајна цел.
Корисни прашања во оваа смисла се: Како размислувам за парите: дали позитивно или негативно? Дали имам направено некаков прогрес во однос на моите финансии споредено со претходната година? Кои шаблони во однос на потрошувачка на пари ги имам наследено од моите родители? Дали го преземам однесувањето кон парите на луѓето во мојата непосредна околина?
- Идентификувајте каква сакате да биде вашата врска со парите: минатото е минато, сега се фокусираме на иднината, односно како новата врска со парите ќе се вклопи во нашиот животен стил. Тука едноставно треба да размислиме кои се нашите вредности како личност и од таму да произлезе новата подобрена врска со парите.
Корисни прашања во оваа смисла се: Каква сакам да биде мојата врска со парите? Дали сакам да биде забавна (да не се откажете од трошење на мали работи), но сепак одговорна (да останат средства и за заштеда)? Како ќе се чувствувам откако ќе го имплементирам новото однесување во досегашниот животен стил?
- Поставете намера или цел во вашата нова врска: имањето на намера односно цел ќе ве одржи фокусирани и ќе ви помогне да си ги смените навиките и да креирате нови рутини кои ќе ви помогнат во нејзиното остварување. Некои примери за цели се: креирање на буџет и управувањето со личните финансии во согласност со буџетот, живеење со помалку средства од тие со кои реално располагате, креирање на траен налог за заштеда и слично.
Корисни прашања во оваа смисла се: Што сакате да постигнете од оваа нова врска со вашите финансиски средства? Како ќе се чувствувате откако ќе ја постигнете целта? Кои се чекорите кои треба да ги преземете за да ја постигнете целта?
- Поставување на основи на новата врска: Како што за една куќа најбитна е основата, така и новата врска со парите е значајно да се постави на здрави темели. Наједноставен прв чекор во градење на основата е едукација. Обидете се да разберете како функционираат парите, како да ги употребувате парите и како да создадете финансиска структура која најмногу ќе одговара на вашиот животен стил и ќе ви причинува задоволство и слобода во живеењето.
Корисни прашања во оваа смисла се: Кој е првиот чекор за отпочнување на една здрава врска со парите?
- Побарајте професионална помош: Доколку не можете да се справите сами со сите препреки во финансискиот свет, побарајте помош. Експерт во областа на финансиите може да ви ја постави структурата на вашиот буџет, да ја следи вашата потрошувачка (доколку имате потреба од контрола во првите месеци) и да ви направи ефикасен план за заштеда и инвестирање. Добивате максимално персонализирана услуга без да трошите време на подетално навлегување во областа на финансиите. Во оваа смисла ви стоиме целосно на располагање со корисни совети кои ќе ја олеснат вашата врска со финансиите и ќе ви помогнат послободно да уживате во парите кои ги заработувате.
- Прославете си го напредокот во вашата врска со парите: Успеавте да остварите некоја од зацртаните цели? Го заштедивте износот кој го планиравте согласно на вашиот буџет? Тоа се мали промени кои треба да си ги прославите. Славењето на успехот, колку и мал да е истиот, ќе ви помогне да останете мотивирани и да си поставувате поголеми цели. Како ќе си го прославите успехот оставам на вас да одлучите.
(Просечно време на читање: 6 минути)