Дали сте финансиски писмени?

Во последно време, почесто од било кога претходно, наидувам на некои статистики за тоа колкав дел од светското население е финансиски неписмено. Во САД, 66% од населението се смета дека е финансиски неписмено (извештај од Financial Industry Regulatory Authority (FINRA)). Во оваа смисла, Европа не е многу подобра. Според последното истражување на OECD, направено во 2020 година, половина од возрасното население во ЕУ не ги разбира основните финансиски концепти. Ситуацијата е уште полоша кај одредени возрасни групи, како што се постарите (над 60 години) и помладите (од 16 до 25 години). Уште попоразителен е фактот дека управување со личните финансии никаде не се учи, односно некако се претпоставува дека тоа е техника која се учи попатно, најчесто преку продолжување на шаблоните научени од нашите родители, кои пак ги научиле нивните шаблони од нивните родители и така натаму. Испаѓа дека управувањето со лични финансии би требало да ја доживуваме како карактерна особина (“те бива” или “не те бива” за работа со пари), наместо како знаење кое треба да се стекне за да имаме подобар однос со парите.

Но, ајде прво да дефинираме што всушност значи “финансиска писменост”? Финансиска писменост е прво способноста да се разберат финансиските информации и второ, да се користат финансиските вештини ефикасно, било дали станува збор за буџетирање, заштеда, инвестирање или нешто сосема друго. Исто така, ја опфаќа и нашата свесност за односот кој го имаме со парите и дали ги поседуваме потребните алатки за да ги постигнеме нашите финансиски цели и да избегнеме финансиски потешкотии. Во денешно време од исклучително значење е да ги познаваме основните финансиски концепти како кредити, сложено вкаматување, инвестирање, диверзификација на ризик, животно осигурување, банкарски депозити и слично. Во суштина, со појавата на се повеќе финансиски производи мора да посветиме големо внимание на тоа да ги разбереме за да можеме да процениме кој од нив ќе допринесе најмногу за нашата финансиска благосостојба.

Во следниот текст ќе ги разгледаме основните концепти на финансиска писменост, односно од што се треба да имаме познавања за да се квалификуваме како финансиски писмени.

  1. Буџет : Познавањето на елементите на буџетот и како истиот се составува е многу значајно. И да, се сложувам дека има многу апликации кои може да го направат тоа наместо нас и тоа без многу да ја мачиме главата ама мора да се знаат составните елементи на буџетот како што се: доход, потрошувачка, заштеда, инвестиции. Исто треба да се внимава доходот да биде доволен да ги покрие сите тековни трошоци кои се потребни за нормално живеење, но и да се остави нешто на страна за “црни денови”
  2. Инвестирање: доколку се одлучите дека сакате да отидете чекор понапред од едноставно вложување на вишокот на средства во банка, треба да ги научите основните концепти на инвестицискиот свет како што се: каматни стапки, индекси, приноси, диверзификација на ризик, должнички во однос на сопственички инструменти, ценовни нивоа, берзи и слично. Има и ова shortcut во форма на брокер или финансиски советник, меѓутоа и во тој случај треба да имате некое основно финансиско познавање за да го разберете неговиот речник и да процените дали советите кои ви ги дава “држат вода”.
  3. Позајмување: И ако претходната точка е опционална и помал е процентот на луѓе кои реално се заинтересирани и имаат можности да вложуваат, тука ситуацијата е малку поинаква. Имено, сите ние сме биле во дадена ситуација во животот кога сме морале да позајмиме финансиски средства. За да можеме да знаеме колку е реално трошокот на нашето задолжување и колку ќе не чини неговата отплата, мора да знаеме концепти како: каматни стапки, сложено вкаматување, амортизационен план, предвремена отплата, временска вредност на парите, периоди на отплата, грејс период и структура на кредит. Доколку ги разбереме сите овие концепти, тогаш точно ќе знаеме што нè очекува во иднина и ќе избегнеме стрес кој доаѓа од незнаење.
  4. Даноци: Домашната даночна регулатива е релативно едноставна во смисла дека сите давачки, во 95% од случаите, ги покрива работодавецот. Но, ако сте freelancer, имате сопствен бизнис, или остварувате дополнителен приход од изнајмување на простор, тогаш треба да ги знаете основните даночни стапки со кои нè оданочува државата. Секој тип на доход е различно оданочен, па основните познавања на даночниот систем може да ви заштедат многу време и енергија.
  5. Управување со лични финансии: Ова е комбинација од сите компоненти наведени погоре. Добро управување со лични финансии значи максимизирање на приходите во рамки на дадените можности, одвојување на одреден фонд на заштеда со паралелно навремено отплаќање на долгот. Но, за да го постигнете тоа мора да имате одредено ниво на финансиска писменост.

Се поставува прашањето кои се бенефитите од финансиска писменост? Едноставно кажано, добивате подобар стандард на живеење. Со оглед на тоа дека сте финансиски писмени и да наидете на непријатни изненадувања попатно, ќе знаете како да се справите соодветно, а тоа ја зголемува вашата финансиска стабилност и слобода. Сепак, еве некои од најголемите бенефити од финансиска писменост:

  • Носите подобри финансиски одлуки;
  • Ефективно го менаџирате вашиот приход и долг;
  • Имате подобра стартна основа за постигнување на вашите финансиски цели;
  • Ги намалувате трошоците преку подобра контрола;
  • Го намалувате финансискиот стрес и анкциозност;
  • Креирање на ефективен и структуиран буџет.

И еве некои прашања кои ќе ве натераат да размислувате во однос на нивото на вашата финансиска писменост. И доколку сте целосно искрени во одговорите ќе знаете кои се следните чекори кои треба да ги преземете.

  1. Дали знаете да составите буџет кој ќе ги опфати сите ваши основни приходи, трошоци, заштеда, инвестиции, односно дали знаете точно колку заработувате и на што ги трошите вашите пари?
  2. Дали моментално сте задолжени? Колкав е вашиот кредит, кога доспева и колкава е каматната стапка? Дали каматната стапка се промени во последните 3 месеци? Како тоа влијаеше на вкупниот износ на долг кој треба да го вратите?
  3. Дали знаете колку изнесуваат вашите трошоци за да ги покриете основните животни потреби во период од 3/6 месеци?
  4. Дали знаете колку точно имате заштеда во моментов? Ако имате банкарски депозит, по која каматна стапка? Дали истата се промени во последните 6 месеци? Како тоа влијае на износот кој вие го очекувате после Х време? Доколку се случи некој непредвиден настан и останете без работа, колкав временски период ќе може да живеете со вашата заштеда без да кревате паника?
  5. Дали разбирате како сложеното вкаматување ги оплодува парите за даден временски период?
  6. Дали ја разбирате разликата меѓу акција и обврзница?
  7. Дали ви е познат концептот за временска вредност на парите?

Доколку одговоривте позитивно на сите прашања и ги знаете сите одговори, тогаш може слободно да се гордеете со себе затоа што влегувате во таа половина од светската популација која знае како да управува со своите финансии. Но, и ако некои концепти не ви се познати, не е ништо загрижувачко. Тоа е само почетна основа во однос на тоа што треба да научите. А со оглед на тоа дека претходно немаме никакво формално образование на оваа тема (освен ако не сте дипломиран економист), нема никакви пречки да започнете да учите на било која возраст. Од новите знаења и информации може да имате само корист во насока на подобрување на вашата финансиска стабилност.

Конечно кој не би сакал да ужива во новостекнатата финансиска слобода?

(Просечно време на читање: 6 минути)     

Share this article:

Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp