Што посакувам да знаев пред да почнам со сопствен бизнис?

Водењето на сопствен бизнис за многу луѓе е ултимативен успех и цел кон која се стремат. Најчесто, на памет ни паѓаат сите позитивни аспекти како флексибилноста, самостојното одлучување за тоа што ќе се работи, како ќе се работи и со кого ќе се работи, колегите си ги бираме сами (ако сакаме да ги имаме) и се што ќе заработиме е само за нас. И се е точно, ама тоа е едната страна на паричката. Другата страна на паричката е дека водењето на сопствен бизнис е исполнето со пречки, угорнини, неочекувани кривини и многу часови напорна работа. Во моментот кога ќе донесеме одлука за водење на сопствен бизнис, се ослободуваме од сигурносната мрежа и влегуваме во свет во кој никој не ни дава насоки што да правиме, што треба да избегнуваме да правиме и како да менаџираме со постојаниот притисок и неизвесност. Едноставно, водењето на сопствен бизнис е патување за кое никогаш не можеме во целост да бидеме подготвени.

Но, знаејќи го се ова што го знам денес, дали би постапила поинаку и би се откажала од мојот сегашен бизнис? Дефинитивно НЕ! Затоа што вреди секој напорен момент за успесите кои следуваат. Но, како и сите млади претприемачи и јас правев грешки (веројатно и сеуште ги правам и ќе ги правам) кои денеска ми се многу значајни лекции и го обликуваат моето секојдневие.  Сепак, посакувам да ги знаев овие 10 работи на почетокот затоа што ќе го направеа моето бизнис патување многу поглатко.

  1. Водењето на бизнисот е секогаш приоритет број 1: Многу е голема заблудата дека во моментот кога почнувате сопствен бизнис, всушност се решавате да ја следите вашата страст и ќе правите работи кои ги сакате 24/7. Па, размислете 2 пати. Главната дејност која најмногу сакате да ја работите (правење накит, држење часови за вежбање, дизајнирање на веб страни), ќе ви одзема 15% од вкупното време посветено на бизнисот. Се останато ќе биде креирање на продажни стратегии, маркетинг, состаноци со клиенти, издавање на фактури и останата администрација. Едноставно, вие водите бизнис, а сите овие се составни делови од водење на еден бизнис. Колку порано го прифатите ова, толку подобро.
  2. Фокусирајте се на тоа што го правите најдобро: Водењето на бизнис за кој не знаете ништо и не уживате додека го работите, може целосно да ви ја “испие” енергијата. Може и одлично да заработувате, но на крај да откриете дека водењето на бизнисот ви предизвикува повеќе стрес, него задоволство. Пред да решите да се откажете од сите погодности на работење за друг како вработен, осигурајте се дека вложувате многу време и енергија во нешто што ќе го работите со страст и кое задоволува реална потреба на ниче пазар.   
  3. Никогаш не престанувајте да мислите на потребите на потрошувачите: Бизнис стратегијата мора да биде во согласност со потребите на вашите таргет потрошувачи, односно како вие ги решавате проблемите на вашите потрошувачи. Исто така, значајно е да го мерите задоволството на потрошувачите од вашите производи и дали имаат сугестии дека нешто може да се подобри. Во денешно време тоа може да се постигне со барање на feedback по користењето на производот/услугата или да се направи истражување преку некој од социјалните медиуми или едноставно постојано да се биде во комуникација со клиентите на начин кој е најприфатлив за вас.
  4. Важноста на расположливост со готовина: И воопшто не се сомневајте дека располагањето со готовина е клучно за бизнисот затоа што сликовито доловено, готовината е крвотокот на секој бизнис. Доколку не управувате соодветно со готовината, ќе трошите повеќе отколку што заработувате. На крај, што мислите колку долго може да опстои бизнис кој има константен недостаток на готовина, односно не може да ги сервисира навремено своите обврски? Најефикасен начин да го следите текот на готовина е преку подготовка на буџет и правдање на секој трошок кој ќе го направите во смисла дали е во согласност со направениот буџет, колку отстапува и зошто.
  5. Најдете ментори кои ќе ве водат низ процесот со корисни совети: Со користењето на стручна помош избегнувате правење на многу грешки, кои долгорочно гледано може многу да ве чинат. Воедно, добивате насоки базирани на искуство за тоа како е најдобро да го развивате бизнисот. Доколку имате некоја идеја за нова инвестиција, или зголемување на платите на вработените по некој модел, или само ви треба стратегија за настап на некој друг пазар, консултант/ментор може многу да ви помогне носејќи ве побрзо до целта. Во оваа смисла, целосно може да се потпрете баш на тоа што јас го работам, затоа што бенефитот од консултант повеќекратно ги надминува трошоците направени за негово ангажирање.
  6. Напорната работа не е секогаш еднаква на исклучителни резултати: Ова е малку парадоксално, нели? Но, во суштина постојаната зафатеност и недостаток на време не е еднаква на продуктивност. Продуктивност е поставување на приоритети и фокусирање на активностите кои носат вредност и кои мора да се завршат во даден временски период. Продуктивноста е еднаква на резултати и тоа реални и мерливи кои ве носат на следното ниво на развој на компанијата. Целта не е да се исцрпувате од работа и да немате време за ништо, целта е да работите паметно фокусирајќи се на активностите кои се најзначајни за вас во дадениот момент.
  7. Маркетингот е многу значаен: Многу се ретки луѓето кои со драго срце работат продажба. Но, како светот ќе го купи вашиот производ/услуга ако прво не дознае кој сте вие и што правите? Никој нема да се разбуди наутро и да каже: “Јас никогаш немам слушнато за Мартина и за нејзините производи/услуги, ама ќе ја најдам и ќе купам што и да продава”. Вашиот бизнис има решение за потребите на другите луѓе. Само треба да се осигурате дека до нив ќе стигне пораката дека потребата може да им биде задоволена. Луѓето имаат потреба од вас, треба да станат свесни за тоа.
  8. Поврзувањето со други луѓе (networking) не е преценето: И тука ќе бидам искрена, јас не сум тип на човек кој обожава да се поврзува со другите луѓе. Тоа ме турка надвор од мојата комфорна зона и сосема е безбедено да кажам дека не уживам. Ама луѓето се тие кои нудат решенија, имаат искуства и знаење и кои може да ви помогнат со милион ситуации затоа што едноставно “веќе биле таму”. Многу често добивате гратис совети кои не можете така лесно да ги добиете на друго место. Сосема е во ред ако ви биде непријатно на почеток, но тоа е дел од водењето на бизнис (мене уште ми е непријатно во дадени ситуации). На крај на денот, не сите бизнис врски треба да се површни, слободно може да се конектирате со луѓе кои ви одговараат енергетски и интелектуално и да создавате долгорочни односи.
  9. Оптимизирајте, автоматизирајте и outsourced се што можете: На почеток, мислите дека можете се сами и дека вие најдобро ќе го сработите. Веднаш да ви кажам дека тоа ви е сигурен билет до многу брз burn-out, но воедно е лошо за бизнисот затоа што го губите фокусот. На пример, ако не можете да дизајнирате лого или не знаете да ги контролирате финансиите, зошто не препуштите со тоа да се справат професионалци во областа? Ќе ви заштедат време, ќе го направат подобро од вас и ќе ве спасат од нервози и залудно потрошена енергија. Денеска, со постоење на голем број на freelance или компании специјализирани за соработка со мали и средни компании, може да добиете врвна услуга во рамки на буџетот кој сте го определиле.
  10. Не заборавајте да уживате во секој момент и да се забавувате: Звучи нереално? Да и мене така ми звучеше, особено затоа што припаѓам во онаа група на луѓе која секогаш има уште нешто да доврши. Но, време поминато со пријателите, семејството или во активностите кои ги обожавате ве “држи” нормални и ви ги полни батериите со убава енергија која потоа се отсликува во секој дел од вашето работење. Секогаш давајте си оддишка затоа што тоа ви дава простор да ги славите малите победи. Наједноставно кажано, не се исцрпувајте со работа до смрт. Тоа не е добро за вашето здравје и дефинитивно не е добро за вашиот бизнис.

Сосема за крај: да не се лажеме дека е лесно. Дури и целосно да ги примените горенаведените совети, грешки ќе правите. Секој сопственик на бизнис се соочува со специфичен сет на проблеми кои мора да ги надмине за да може и тој да порасне заедно со бизнисот. Просторот за проби и грешки е неограничен. Но, доколку одбегнете барем дел од пречките, веќе сте 2 чекори понапред од сите останати. А, во услови на водење на сопствен бизнис, имањето на било каква предност е непроценливо.

(Просечно време на читање: 6 минути)     

Share this article:

Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp